Во рамки на активностите за одбележување на 9 Ноември, Денот на ослободувањето на Велес, вечерва во фоајето на НУЦК Театар “Јордан Хаџи Константинов – Џинот” беше промовирана книгата “100 години од првата детска болница во Велес” од истакнатиот новинар, публицист, романописец и истражувач, Јосиф Џочков.
Имено,точно пред 100 години во далечната 1919 година, во периодот по Првата светска војна Велес бил домаќин на американската докторка Ета Греј од Болниците на Американските жени која со својот тим несебично помагала на населението. Од локалниот персонал бил ангажиран велешанецот д-р Панче Васков.Според записите болницата се наоѓала во тогашната турска касарна. Во тоа време големите центри како Белград и Загреб имале слични болници но во Велес била најдобро опремена од технички аспект и со доволен број на медицински персонал.
„Како велешани сме горди на фактот дека Велес во минатото бил авангарден град со првото училиште на македонски јазик, со првата музејска збирка, првиот учител,првата жена актер во земјава, првиот преведувач а сега се вбројува и фактот за првата детска болница што е уште една потврда за значењето на Велес во историскиот и културниот стремеж на македонскиот народ. Неслучајно Велес е одбран како локација за првата детска болница“, истакна градоначалникот Коцевски пред присутните.
„Во архивите нема многу документи, но сигурен сум дека во велешките ормани, сандаци полиците има многу нешта што може да ја дополнат приказната за Велес.Велес бил прв не само во земјава туку и на Балканот по првата комплетна кадровски и солидно опремена детска болница“, рече авторот Џочков. За книгата говореше и директорот на ЈЗУ Општа болница, Велес, Божидар Бојаџиев кој се осврна на хуманата порака која ја носи приказната за детската болница. ,,Она што некогаш било сон на велешани денес е наша реалност. Да го следиме примерот на американските доктори за оние кои доаѓаат по нас“, истакна д-р Бојаџиев.