Во официјална посета на Општина Велес денеска беше Н.Е. Хиронори Савада, Амбасадорот на Јапонија во Македонија. Повод за посетата е донацијата на јапонската амбасада во дигитален рентген апарат, наменет за потребите на Општа болница Велес. Градоначалникот Коцевски им посака топло добредојде на амбасадорот и неговата сопруга Г-ѓа Хитоми Савада и срдечно се заблагодари за донацијата.

„Од името на Советот на Општина Велес, од името на граѓанките и граѓаните на Велес и од мое лично име сакам да упатам искрена благодарност за донацијата но и за Вашата досегашна поддршка и посветеност“, рече градоначалникот Коцевски.

„Надминувањето на КОВИД-19 е глобален предизвик и ние сме многу среќни што ги поддржуваме медицинските институции во оваа земја, кои придонесуваат за спасување на многу луѓе, особено во ова многу тешко време. Се надевам дека нашата помош ќе даде и придонес во борбата против КОВИД-19“, рече амбасадорот Савада.

Договорот за грант го потпишаа јапонскиот амбасадор и директорот на велешката болница, др Божидар Бојаџиев. Грантот е во рамки на ГГП програмата за мали грантови и човекова безбедност.

„Во болницата гравитираат пациенти од Повардарскиот регион и тоа би значело дека околу 200 илјади потенцијални пациенти ќе го почувствуваат бенефитот од апаратот и ќе добијат поквалитетен третман“, рече Бојаџиев.

По потпишувањето на грантот, јапонскиот амбасадор и неговата сопруга се упатија на кратко разгледување на велешката болница.