По повод 118 годишнината од смртта на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов делегација од Општина Велес денеска положи свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата „Св. Пантелејмон“. На тој начин му оддаде почит на ликот и херојскиот подвиг на овој велешки јунак, чиј живот завршува на 24 годишна возраст, кој сам си го одзема пукајќи си со последниот куршум во слепоочницата.
Миле Поп Јорданов е роден 1877 година, во семејство на револуционери и видни претставници на македонската авангарда. Со значајни револуционерни дела и подвизи, од неговото семејство, се истакнуваат и неговите браќа Јордан Поп Јорданов-Орцето и Петар Поп Јорданов.
Во македонската историја Миле Поп Јорданов е запишан како истакнат револуционер кој активно работи за интересите на револуционерното движење за слободна Македонија. Во нерамноправна борба со турските власти во заседа, сам си го одзема животот за да не падне во нивните раце. Неговата трагична смрт е опеана во народната песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која Општина Велес ја прогласи за официјална химна на град Велес.