Во просториите на Општина Велес, денес, во проширен состав се одржа шестата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со согледувањето на статусот на веќе донесените мерки и активности за заштита од ширење на COVID-19 (корона вирус), како и донесување на нови.
На седницата беа донесени следните заклучоци:
- Се задолжува ЈКП Дервен да донесе одлука за промена на работното време на Градскиот пазар во Велес и истиот да биде отворен секој ден од 07:00 до 14:00 часот, освен во деновите сабота и недела (поради применувањето на мерката за полициски час);
- Општина Велес да одржи состанок со претставници на сопствениците на поголеми и помали маркети и сопствениците на магацини за прехранбени производи од градот, со цел изнаоѓање начин за намалено движење на граѓаните во маркетите, да се организираат и овозможат онлајн купување и достава на производи и да информираат за можноста да се приклучат кон акцијата за донирање на прехранбени и хигиенски производи за социјално ранливите категории на граѓани од Општина Велес;
- Останува во сила мерката за дезинфицирање на возилата на сите влезови во Велес, со поставување на уште еден пункт за дезинфицирање на влезот во близина на ветеринарната станица;
- Поради непристапноста на теренот во селата С’лп и Карабуниште, од страна на ОО на Црвен крст да се обезбедат податоци за потребите од прехранбени производи на жителите на овие села, а Општина Велес, во соработка со Територијалната противпожарна единица да изврши достава со обезбеден превоз;
- Општина Велес изврши набавка на медицинска заштитна опрема (повеќенаменски скафандери и заштитни маски, како и заштитни ракавици) и истите беа поделени на ЈЗУ Општа болница, Велес, ЈЗУ Здравен дом и Центар за јавно здравје во Велес;
- Општина Велес прими донација од илјада заштитни маски од „ЈУ-КА” ДООЕЛ – Велес, кои беа поделени на ЈЗУ Општа болница, Велес, ЈЗУ Здравен дом, Центар за јавно здравје и Територијалната противпожарна единица, Велес.
Со цел вистинско и навремено пренесување на информации и за да не се предизвикува паника кај населението, Општина Велес упатува апел до сопствениците на медиуми и уредниците на вести, истите, професионално да постапуваат и изворно да ги пренесуваат информациите од имателот на информацијата.