Во непосредна близина на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”, на улица „Благој Ѓорев”, Општина Велес ги постави првите два подземни садови за отпад.

Новите контејнери имаат подземна и надземна единица. Овие садови за отпад се стационарни контејнери, чијшто подземен систем, со сад за прифаќање на отпадот е со зафатнина од 3м3 и е вкопан во земја, а околу една третина од контејнерот е видлив и се наоѓа земја. Новите контејнери не дозволуваат продирање на атмосферската вода и/или истекување на исцедок од отпадот во околината. Контејнерот е составен од резервоар, куќиште, поклопец и вреќа за собирање на отпадот која е изработена од незапаллив полиестер кој не пропушта вода. 

Контејнерот има систем за отворање со нога кој е многу побезбеден и похигиенски за користење, отколку рачниот систем за отворање на капакот на контејнерот. Поради соодветна употреба и информираност на граѓаните, на новите контејнери има налепници со ознаки на кои е наведено дека во контејнерот треба да се одложува исклучиво комунален отпад. Додека пак пепел, жар, картон и габаритен отпад не е дозволено да се одлага во нив.

Со ставањето во функција на овие контејнери ќе се заменат и исфрлат од употреба старите, дотраени и отворени контејнери кои претставуваат извор на непријатна миризба и го нарушуваат изгледот на централното градско подрачје.

По извршениот технички прием контејнерите ќе бидат пуштени во употреба. Овие два контејнери се изградени со средства од Програмата за заштита на животната средина за 2019 година. За нивно поставување Општина Велес од општинскиот буџет издвои 712.531,00 денари со вклучен ДДВ. Изведувач на градедежните активноти е „Делта Пром” од Велес. Според плановите и Програмата за заштита на животната средина за 2020 година, Општина Велес предвидува поставување на нови, дополнителни шест подземни контејнери, на нови три локации во централното градско подрачје.