На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја извести јавноста дека во текот на вчерашниот ден заврши доделувањето на договорот за воспоставување јавно приватно партнерство за реконструкција – ревитализација, оперирање и одржување на Офицерскиот дом во Велес.
На јавното наддавање, како што изјави Коцевски учествувале три фирми „Романтик” хотели, Велес, „ЦиГ” Група, Велес и „Нексус Компани”, сите со валидни апликации. Победник е фирмата „Нексус Компани” ДООЕЛ од Велес, со вкупно понудена највисока цена без ДДВ од 5.440.000,00 денари на годишно ниво надоместок за општината. Градоначалникот Коцевски ја објасни процедурата и одредбите од Законот за концесии и јавно приватни партнерства.