Општина Велес ја известува јавноста дека од утре, 30 јуни 2020 година ќе започнат градежните работи за бетонирање на дел од улицата „Богдан Прличков” во должина од околу 190 метри.
Поради малата ширина на улицата, не постои можност за истовремено одвивање на сообраќај по улицата и напоредно изведување на работите. Поради тоа се известуваат граѓаните доколку имаат возило кое го користат секојдневно, да го преместат на друга локација додека се изведуваат работите на улицата.
Воедно, поради стрмниот наклон и отежнатиот пристап за возила, се замолуваат граѓаните кои живеат во близина на раскрсницата на улица „Славе Петков”, од каде започнува улицата „Богдан Прличков”, да не ги паркираат своите возила во периодот додека траат градежните работи, бидејќи е потребно овозможување пристап на градежната механизација, како и достава на градежен и работен материјал.
Во зависност од временските услови и поради сложеноста на проектното решение, градежните работи е предвидено да траат околу 30 денови, а истите ќе ги изведува ДГРИТ „Тргоцемент” од Велес.
Со цел непречено одвивање на градежните работи, Општина Велес упатува апел до граѓаните кои гравитираат кон овој дел на градот за разбирање, внимателно управување со моторните возила, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и дадените знaци од страна на службените лица.