Кои се влијанијата на интернетот кај младите во градот и државата , но и како социјалните мрежи станаа главна преокупација на младиот човек, беа дел од темите кои новинарската екипа од Националната телевизија на Кина (China Central Television) ги постави како тема на разговор во денешното интервју со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

„Би сакал мојот Велес да е препознатлив во светските медиуми по убави работи, а не како престолнина на лажните вести” потенцираше Коцевски во својот одговор на поставено прашање.
Идејата на продуцентите е да прикажат како интернетот е користен од страна на младите луѓе, политичките организации и како влијае на интернет популацијата. Една од темите за кои се разговараше беше креирањето на лажни вести.

За потребите на нивниот канал на англиски јазик, China Global Television Network, екипата подготвува 60 минутен документарен филм наречен „Интернет“. Филмот се фокусира на историјата, сегашноста и иднината на интернетот.