На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја информираше јавноста во врска со информациите за поставување на базен на терасата на хотелот „Интернационал”.
Во текот на денешниот ден, градежен инспектор излегол на терен и констатирал дека инвестиорот ДПТУ „Бинго Груп” од Велес има донесено пластичен базен, долг околу десет метри, широк четири метри и длабок два метри.
Градоначалникот Коцевски извести дека за донесувањето и поставувањето на базенот, поставувањето на скалилата, кои не се според стандардите и поставувањето на настрешница со подвижен кров, од страна на инвеститорот до Општина Велес не е доставено барање, ниту пак има започнато било каква постапка за добивање одобренија за градба и постапување на таков вид на градба.
Со исклучок на барањето што инвеститорот го доставил за времен режим на сообраќај за да може непречено да ја пренесе опремата за базенот и со исклучок на усното известување на службеник во општината дека сакале да направат базен за деца, кој во нивниот проект се води како џакузи, инвеститорот се нема обратено до општината за спроведување на неопходната законска процедура. Инвеститорот нема доставено проект до општината.
Барањето за времен сообраќаен режим е доставено до архивата на Општина Велес, а во меѓувреме, според процедурите, беше побарана писмена согласност од страна на МВР – СВР Велес, која во текот на вчерашниот ден не беше од нивна страна издадена. Согласно ова не беше од наша страна издадено одбрение за одвивање на времен режим на сообраќај за транспорт и поставување на таков вид на опрема, рече Коцевски и додаде:
„Според димензиите на базенот со кои располагаме од визуелниот увид, дополнителниот товар на вода би бил минумум од 40 до 80 тони во зависност од количната на вода со која би се наполнил базенот. За ваквото додатно оптоварување на зградата, инвеститорот нема доставено статичко мислење односно согласност од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје или од друга овластена организација или фирма, што значи дека може сериозно да ја загрози безбедноста на гостите и случајните минувачи. Надлежните општински инспекциски органи ќе постапат во рамки на нивните законски овастувања”.