Побра епидемиолошка состојба во Велес во споредба со изминатиот период. Градоначалникот Аце Коцевски денеска на прес конференција изрази задоволство што во Велес состојбите со Ковид 19 се подобруваат како што е соопштено и на денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
„Оценката е дека градот не е контаминиран и дека претходните проценки за контаминираност биле престроги. Доказ за тоа се не само помалиот број заразени во Велес туку и контролата која е направена во детската градинка. Вработените живеат во различни делови од градот, не комуницираат меѓу себе и се потврдува дека нема широка загрозеност во градот од епидемијата од Ковид 19“, рече Коцевски.
Тој информираше дека се очекува наредната недела триесетина пациенти да имаат втор негативен тест со што драстично ќе се намали бројот на активни случаи. Коцевски информираше дека вкупно досега се инфицирани 129 лица, a денеска е регистриран еден нов позитивен и еден оздравен сограѓанин. За 2 дена има 10 оздравени пациенти од Велес.
Во моментов има 89 оздравени со 2 негативни тестови, 9 се починати, а 31 се активни од кои 13 на инфективното одделение во велешката болница, двајца пациенти се на инфективната клиника во Скопје и еден пациент во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
„Драстично е намален и бројот на повици во итната медицинска помош што значи дека животот во Велес полека се враќа во нормала“, нагласи Коцевски. Тој ја извести јавноста дека координацијата на медицинскиот персонал во сите здравствени установи е одлична како и нивната соработка со матичните лекари во приватните здравствени установи.
Во болницата нема примени пациенти во потешка здравствна состојба како и пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка. И покрај денешните позитивни информации, градоначалникот Коцевски порача дека не треба да се опуштаме и треба да продолжиме да ги почитуваме мерките особено во услови кога состојбата со Ковид 19 во земјата се усложнува.