Денеска во Велес се регистрирани четири нови пациенти позитивни на вирусот Ковид-19 и двајца оздравени пациенти. Досега во Велес и велешко има вкупно 149 заболени лица. Од нив 110 се оздравени, 29 се активни, а 10 лица починаа. Овие информации на прес конференција ги соопшти Градоначалникот Аце Коцевски по редовната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Од 29 лица кои се активни, 10 се наоѓаат на Инфективното одделение во Велес, 14 се на домашно лекување, три пациенти се во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје и едно на Инфективната клиника во Скопје.  Едно лице е  во државен карантин откако е утврдено дека е позитивен на влезот во нашата земја.

Од Градската општа болница во Велес денес се испишани двајца пациенти, а вкупната бројка на згрижени во моментов  изнесува десет.  Сите се во стабилна состојба и нема пациенти на кислородна поддршка.

Според информациите од вработените во Здравствениот дом подобрена е состојбата во однос на претходниот период и затоа тие почнале со редовно извршување на другите активности од нивна надлежност кои претходно беа прекинати.  Има голем интерес за издавање на лекарски уверенија за полагање на возачки испит. Започната е  постапка за над 100 барања врз основа на протоколите за издавање на лекарски уверенија за полагање возачки испит.

Како што соопшти Коцевски, според информациите од МВР – СВР Велес  со решение на државниот санитарен и здравствен инспекторат, министерството врши контрола на лицата кои се наоѓаат во изолација. Вкупно 59 лица се во  изолација, а 37 лица се со изјава за самоизолација и сите ги почитуваат мерките и протоколите.

28 лица се наоѓаат во Хотел „Монтенегро“ во Велес во државен карантин, а обезбедувањето го вршат припадници на министерството за внатрешни работи и на армијата.

10 жители на Велес и велешко  се сместени  во други државни карантини низ територијата на земјата, дополни Коцевски.