На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, упати апел до жителите на Општина Велес за совесно однесување и зачувување на животната средина, но и за поставената урбана опрема на рекреативниот центар Езеро „Младост”.
„Велес, во суштина сте вие, граѓанките и граѓаните. Како што помогнавте да созадеме нов живот, нова шума на езеро Младост, Ве молам помогнете сите заедно да придонесеме и да го сочуваме она што макотрпно и секојдневно го создаваме. Затоа апелирам да не се паркираат возилата на пешачката патека и на јавни површини каде паркирање не е дозволено, да не се уништува урбаната опрема и совесно да се однесуваме кон животната средина.
Затоа апелирам до секој поединец, да го чуваме она што е наше, да се грижиме за урбаната инфраструктура и опремата. Да станеме свесни дека сите ние поединечно треба да дадеме одговор на прашањето дали нашите деца ќе живеат во убав и уреден или во уништен град.
Ве молам ако сте сведок на уништување на имотот кој им припаѓа на сите граѓани или непрописно фрлање на отпад, веднаш да го пријавите тоа кај надлежните органи и да го објавите на социјалните мрежи.
Ликот на Велес зависи од сите нас. Да не го уништуваме она што е добро и убаво и корисно за сите граѓанки и граѓани.
Велес го заслужува нашето внимание” рече градоначалникот Коцевски.