„Имаме работа со невидлив и многу сериозен противник. Затоа, е важно да ги почитуваме упатствата,  мерките и препораките на државниот Кризен штаб, на Мининистерството за здравство и да постапуваме по нив за побезболно да ја пребродиме ситуацијата. Да останеме дома и да ги преземеме сите мерки за лична и заштита на нашите најмили, а со тоа придонесуваме и за заштита на јавноста”, истакна градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на денешната прес конференција.

Градоначалникот Коцевски искажа јавно признание до сите здравствени работници и помошниот персонал од сите здравствени институции од градот, како и на вработените во приватните здравствени установи кои се на првата борбена линија во справување со оваа здравствена криза.

„Тие се многу важни во овие критични моменти. Го ризикуваат сопственото здравје и здравјето на своите најмили. Потребна е наша поддршка да издржат во периодот кој доаѓа”, истакна Коцевски, надополнувајќи дека покрај високата свест на поголемиот дел од сограѓаните, има и дел кои не се однесуваат соодветно и не ги даваат потребните информации до матичните лекари, а со тоа се предизвикуваат многу проблеми во понатмошните постапки.