„Поаѓајќи од нашата традиција, специфичност и менталитет, како и од семејните вредности, културните и верските потреби на граѓанките и граѓаните, до Советот на Општина Велес доставив предлог-Декларација за прогласување на денот недела и на деновите на државни и други празници за неработни денови, во трговијата на големо и во трговијата на мало”, информираше на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски.
Со прогласување на денот недела и на деновите на државни и други празници за неработни денови, ќе се постигнат повеќе цели, меѓу кои еднаквост на сите граѓани, сите вработени во трговијата на големо и мало во денот недела ќе може да се посветат себе си, на своето здравје, семејство, роднини и пријатели, со што ќе се зајакнат семејните, роднинските и пријателските врски.
„Работниците во трговијата, од кои најголем број се жени, често работат во тешки услови, со ниски плати, па прогласувањето на недела за неработен ден би било голем чекор напред во подобрување на нивниот статус, затоа што и тие имаат неприкосновено право да бидат во недела и за време на празници со своите семејства, а младите ќе добијат повеќе слободно време што може да им помогне за засновање на семејство, а работничките и работниците ќе бидат позадоволни и помотивирани да дадат подобри резултати во работењето на нивните работни места” потенцираше Коцевски.
Исклучок од неработењето во недела и за време на државни и други празници би биле аптеките, пазарите, бензинските станици, продавниците за цвеќе, сувенири, весници, погребална опрема, шандови од кои се продава за време на културни, спортски и слични настани, саеми, кина, внатрешни продавници во автобуски и железнички станици и аеродроми.
Како што најави градоначалникот Коцевски, Декларацијата ќе биде доставена до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за добивање поширока поддршка од останатите општини и од Град Скопје.