Општина Велес доби уште една донација во таблети за потребите на основните училишта. Како општествено одговорна компанија, „Макпетрол“ А.Д. Скопје донираше 210 таблети од марката „Lenovo“ во вредност од 1.214.955 денари. Таблетите се наменети за учениците од ООУ „Васил Главинов“, но освен за централното, дел од таблетите ќе бидат поделени и на ученици од подрачните училишта во Бузалково, Сливник, Клуковец, Раштани и Превалец.
„Сакам да изразам голема благодарност до менаџментот на „Макпетрол“, кој во услови на кризна состојба, кога учениците и нивните семејства мораа да се прилагодат на дигиталниот начин на образование, ја покажа својата хумана страна и обезбеди таблети за учениците од социјално ранливи категории, не само во Велес туку и во другите градови ширум државата“, рече Коцевски.
Општина Велес обезбеди вкупно 260 таблети кои им ги додели на ученици од основните и средните училишта во градот. Преку програмата за поддршка и интеграција на Ромите на локално ниво „Ромактед“, општината обезбеди уште 35 таблети.
„Се надевам дека вакви примери на општествена одговорност ќе има и во иднина од страна на бизнис секторот, со единствена цел да им го олесниме образовниот процес на сите ученици“, рече Коцевски.
Во тек е постапката за набавка на лаптопите за професорите на основните и средните училишта. Избран е најповолниот понудувач и веќе тече рокот за жалби. Откако ќе истече рокот, треба да се склучат договори помеѓу училиштата и најповолниот понудувач и ќе следува испораката на лаптопите. Во набавката се порачани 238 лаптопи и уште 7 десктоп компјутери, исто така наменети за училиштата.