На езерото Младост од страната на Отовичка плажа беа откриени нови диви депонии. ЈКП „Дервен“ само во текот на оваа недела отстрани 8 м3 габаритен отпад од страната на Отовичка плажа и 7 м3 градежен шут на излетничкиот простор над езерото. Во викенд за едно деноноќие од јавните површини се собира по еден полн трактор отпад.
Иако Општина Велес е должна професионално да ги извршува активностите за одржување на јавната чистота и постапувањето со отпадот, постојат моменти на обесхрабрување кога ќе се детектираат депонии со санитарии, мебел, стара облека во природата која нуди многу можности за рекреација. Ако сакаме да престојуваме во чиста и здрава животна средина мора да ги менуваме навиките.
Во оваа трка “фрлај-чисти” сите сме губитници. Наместо да ги пренасочиме финансиските средства во активности со потрајни вредности, средства од буџетот на општината се трошат да се собере исфрлениот и напуштен отпад и да се доведе животната средина во задоволителна состојба.
Затоа, упатуваме апел – езерото минатата година претрпе голема штета. Во овие тешки времиња кога движењето е ограничено, езерото Младост е најголемиот и најзначаен локалитет за престој во природата. Затоа, Ве милиме бидете општествено одговорни и не ја загадувајте природата.