Почитувани сограѓани,
Општина Велес Ве известува дека на 27 јуни годинава стапи на сила новата Одлука за управување со зеленилото на територијата на Општина Велес.
Согласно Одлуката, на дрвјата кои се засадени на јавни површини забрането е лепење на плакати, некролози, поставување на електрични инсталации, поставување на рекламен и пропаганден материјал, поставување на метални држачи и др. предмети (шајки и сл), премази (лепаци, бои, вар и сл.) за да не се предизвикува оштетување, заболување или нагрдување на дрвјата.
ЈКП „Дервен“ континуирано ќе врши отстранување на сите материјали и предмети од дрвјата.
Се молат граѓаните на Општина Велес да не поставуваат некролози и други материјали на дрвјата за да се создадат услови за подобар развој на зеленилото во општината.
Воедно се известуваат сите физички и правни лица дека не е дозволено било какво сечење и кастрење на зеленилото на јавни површини и во приватен имот без дозвола. Доколку имате забележано дрво кое е оштетено, поднесете барање во Општина Велес. За постапување со оштетени дрвја е формирана Комисија која ќе спроведе постапка за сечење, односно кастрење на оштетените дрвја.
Во есенскиот период, при создавање на поволни услови за садење, општината ќе спроведе акција на садење на високи дрвја на сите слободни места во градот и околината.
Апелираме до граѓаните да ја почитуваат Одлуката за управување со зеленилото на територијата на Општина Велес и на тој начин да придонесат за заштита и зачувување на урбаното зеленило за сите генерации.
Да се грижиме заедно за зеленилото како предуслов за здрав живот во чиста животна средина.