Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2019 година, деновиве Општина Велес започна со реконструкција на крстосницата помеѓу улица „Илинденска” и улица „Димитар Влахов” во центарот на градот.
Сообраќајното решение предвидува воведување на мини кружен тек, со издигнат средишен остров. На овој начин сообраќајот ќе се подобри. Дополнително, мини кружниот тек има за цел намалување на брзината на движење на возилата. На сите приоди кон кружниот тек ќе се забрани запирање и паркирање на автомоболи за да се овозможи непречен проток на возилата и прегледност на сите пешачки премини.
Во зоната на мини кружниот тек се предвидува и поставување на пластични столпчиња за физичка заштита од непрописно паркирани возила, а на тротоарите ќе биде поставена пешачка ограда за насочување на пешаците и прописно преминување на улиците на пешачките премини.
Градежните работи е предвидено да завршат до крајот на оваа година.
Изведувач е градежната фирма „Делта-пром” ДООЕЛ Велес, со којашто Општина Велес има склучено договор за изведба на градежни работи и на крстосницата пред Поштата, како и воведување на ново сообраќајно решение на улиците „Др. Христо Татарчев”, „Никола Карев” и „11 Октомври” (во близина на ООУ „Васил Главинов” и „КАМ” Маркет), по кои сообраќајот ќе се одвива во една насока.
За активностите на сите три локации Општина Велес одвои финансиски средства во висина од 2.903.840,00 денари со вклучен ДДВ.
Со цел навремено и квалитетно изведување на градежните работи, Општина Велес упатува апел до граѓаните за разбирање и за внимателно управување со моторните возила, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.