На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес најави повеќе проекти и градежни активности за асфалтирање на улици и патишта во Општина Велес кои ќе придонесат за подобро, побезбедно и квалитетно одвивање на сообраќајот како во градот, така и во населените места во Општина Велес.
„По договорот за заем за финансирање проекти за поврзување на локални патишта во износ од 70.000.000 евра, преку Закон за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој, која е дел од Светка банка, очекуваме Општина Велес да добие околу 1.900.000 евра, кои ќе бидат наменети за изградба на локални патишта и улици на целата територија на Општина Велес” изјави Коцевски.
До Министерството за транспорт и врски, преку кое се реализира овој проект, Општина Велес веќе достави дел од проектите. „Во првата фаза очекуваме да бидат прифатени и одобрени проекти во износ од околу 1.000.000 евра” додаде Коцевски.
Проектите кои се доставени до Министерството се однесуваат на изградба на улици во Индустриската Зона „УЗУС”, за изградба на асфалтен пат од Долно до Горно Караслари, за изградба на нов асфалтен пат до населеното место Новачани, за изградба на улици во комплексот на нови згради лоцирани над касарната „Алексо Демниевски Бауман”, за реконструкција на патот од Велес, преку Дурутовец кој води до Чолошево, за изградба на пат од проектот „Декада на Ромите” во месноста Прцорек (во близина на Спомен-Костурницата), за изгардба на асфалтни сообраќајници на езертото „Младост”, за улица и пат во село Горно Оризари и за асфалтирање на пат до селото Сопот.