Со положување на свежо цвеќе на спомен обележјето и на бистата на Мирка Гинова, денеска се одбележаа 72 години од загинувањето на борците од Егејска Македонија. На учесниците  во граѓанската војна во Грција почит им оддадоа делегација на Општина Велес, делегација на Општина Градско, Здружениена Македонците од Егејска Македонија „Ѕвезда“ од Велес, Сојуз на борците, Здружение на пензионери Велес, Здружението „Мирка Гинова“ од Штип, Здружението „Герман“ од Скопје, Здружението „Сонцето од Кутлеш“ од Скопје , Форумот на човекови права на Македонците – Скопје, роднини и пријатели на загинатите борци.

За жената херој Мирка Гинова, говореше Јованка Маркоска, сестра на еден од загинатите борци.

„Како партизанка заробена кај Почепската планина, оваа исклучително храбра девојка, чекорејќи низ градот Воден, со високо крената глава придружувана од вооружени жандари, ги бодрела насобраните граѓани со зборовите: „Не плачете мајки, револуцијата ќе победи“. Тоа беше учителката Мирка Гинова, со чудесна убавина, млада девојка, жена за восхит со кое се гордее родното Русилово“, рече Маркоска.

Чествувањето заврши со песна за храбрите борци во изведба на Марија Димкова.