Врз основа на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување на стока на подрачјето на Град Велес, правните и физичките лица можат да вршат достава на стока во определените зони во следните временски интервали:
1. Доставувањето на стока во зоната на централното градско подрачје (дефинирана со улиците:„Благој Ѓорев“, 8 Септември“, „Илинденска“, „Никола Оровчанец“, „Гоце Делчев“, „Страшо Пинџур“ и „Алексо Демниевски Бауман“) е дозволено секој ден во временски период од 23:00 до 06:00 часот и од 09:30 до 11:30 часот.
1.1. Во централното градско подрачје во временскиот период декември – февруари доставувањето на стока ќе се врши само во период од 18:00 – 07:30 часот.
2. Доставувањето на стока во зоната до и од градските пазари (дефинирана со улиците: „11 Октомври“, „Нада Бутникошарова“, „Петре Прличко“, „Кресненско востание“ и „Димитар Влахов“) е дозволено секој ден во временски период од 04:00 до 07:00 часот, 12:00 до 14:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот.
3. Доставувањето на стока на сите преостанати улици во Велес е дозволено секој ден во временски период од 21:00 до 06:00 часот и од 09:30 до 11:30 часот.
За да можат правните и физичките лица да доставуваат стока во Град Велес потребно е да обезбедат Одобрение од надлежен орган од Општина Велес.
Максимална дозволена вкупна маса на возилата со кои ќе можат да вршат достава на стока во град Велес е пропишана и изнесува 7 тони.
Доставувањето на стока може да се реализира доколку со тоа не се загрозува безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата, за што одговорноста е на носителот на одобрението за доставување на стока.
Стоката не смее да биде оставена на тротоар или на друга сообраќајна површина додека трае доставувањето на истата.
По завршувањето на истоварање и товарање возилото треба веднаш да се отстрани од јавната сообраќајна површина.
Истоварање и товарање на стока од возилата по правило се врши на коловоз со вклучување на сите покажувачи на правец за движење.
Забрането е запирање или паркирање на возилата за достава на стока во крстосници и на пешачки премини.
Општина Велес апелира до сите засегнати страни да се придржуваат кон прошишаните правила, со цел навремено извршување на обврските, но и непречено и безбедно одвивање на сообраќајот и на пешаците.