На денешната јавна расправа која се одржа во просториите на Општина Велес, пред претставниците на општината, подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈВП „Лисиче” и ЈКП „Дервен” како директни корисници на системот беше претставена „Студијата за оцена на влијание врз животната средина” за фазата наводнување на земјоделско земјиште од хидросистемот Лисиче.

Претставникот од консултантската куќа ЕКО-МОЗАИК, Тања Николовска даде краток осврт на влијанието врз животната средина, а Ружица Цацановска осврт на социјалните аспекти од реализацијата на еден ваков проект.

Хидросистемот „Лисиче” е комплексен повеќенаменски проект кој овозможува првенствено снабдување со вода за жителите на Велес, но е димензиониран и за наводнување за обработливо земјиште во општините Чашка и Велес.

Со овој проект се предвидува изградба на систем за наводнување на околу 3700 хектари земјоделско земјиште, изградба на три мали хидроцентрали за производство на енергија со што ќе се искористат потенцијалите кои ги овозможува хидросистемот, ќе се стимулира и унапреди земјоделското производство и ќе се овозможи економски развој на регионот.

Проектот се реализира со финансиска помош од Германската банка за развој (KfW).