„Општина Велес е општина без долгови. По моето доаѓање, исплатени се сите наследени долгови во висина од 2.800.000 евра, вклучувајќи ги и оние кон Јавното комунално претпријатие ‘Дервен’” рече градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на денешната прес конференција.

Ослободена од долгови, во моментот Општина Велес има само тековни обврски создадени со градежните работи на општината и со работата на ЈКП „Дервен”, надополни Коцевски.

Во 2019 година, Општина Велес е со најголема сума потрошени средства за градежно уредување. Иако тековната година не е завршена, заклучно со 19 декември, преку Програмата за уредување на градежно земјиште, исплатени се вкупно 103.700.000 денари, што  е повеќе од минатата, 2018 година, кога биле исплатени 94.000.000 и од 2017 година, кога биле исплатени 69.000.000 денари. Општина Велес, во рамки на своите можности, продолжува да инвестира во подобрувањето и квалитетот на живот за своите граѓани.