Со пригодна свеченост, Општина Велес го одбележа 24 Мај, Денот на Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Градоначалникот Коцевски во своето пригодно обраќање пред присутните рече дека на Велес, како град со посебно место и улога во историјата, просветата и културата на македонскиот народ и држава, му прилега достојно да го одбележува 24 Мај.
„Овој значаен датум, претставува наш потсетник за суштинската и историска улога која ја имаат првите учители. Со својата благородна мисија, солунските браќа се едни од најзаслужните за нашето културно, етничко но и духовно постоење како народ и нација. Тие се браќата што веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик“, истакна Коцевски.
Општина Велес, годинава, по трет пат, им оддде признанија на најдобрите просветни работници и на најталентираните ученици од основните и средни училишта во градот. За најталентирана ученичка од основно образование за 2021 година, ја прогласи деветтооделенката Ана Бошкова во ООУ „Блаже Конески“.
Наградата најдобар ученик во средно образование заслужено ја добија средношколците Игор Стојков, ученик во четврта година од ОСУ „Јовче Тесличков“ и Бојан Димовски, ученик во четврта година во ССОУ „Коле Неделковски“.
За прв пат годинава, Градоначалникот Коцевски додели признание за посебен придонес во образованието преку волонтеризмот. Признанието отиде во вредните раце на Трајче Станковски, одделенски наставник во ООУ „Васил Главинов“.
Признание за вложениот професионален труд во учениците, нивната неуморност и трпение да создадат индивидуи потковани со знаења и умешност, добија најдобрите просветни работници во основното и средното образование.
За најдобар наставник во одделенска настава годинава е избрана Лидија Ѓорѓиева од ООУ „Св. Кирил и Методиј“. Признанието за најдобар наставник во предметна настава му припадна на Илија Настовски, наставник по пијано во ООМУ „Стефан Гајдов“. За најдобар наставник во средните општински училишта е прогласена Драгана Тевчева, наставник по физика во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.
Од името на наградените наставници пред присутните се обрати наставничката Лидија Ѓорѓиева.
„Ја градиме нивната самодоверба, се грижиме за нивната благосостојба, ги учиме и поучуваме меѓусебно да се почитуваат, взаемно да се вреднуваат, да бидат толерантни, трудољубиви, упорни, истрајни и успешни граѓани“, рече Ѓорѓиева.
Со изведба на неколку музички точки, триото „Окарина“, ја збогати свеченоста по повод чествувањето на празникот на сесловенската писменост.