По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попречености, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во свое лично име и во име на Советот на Општина Велес, упатува јавен апел до претставниците на бизнис заедницата, граѓанските здруженија, медиумите и сите добронамерни граѓани на Велес, секој во рамките на своите можности да помогне во олеснување на животот на нашите сограѓани кои се соочуваат со специфични потешкотии во своето секојдневие.
Годинава Општина Велес веќе реализираше низа проекти и активности за подобрување на комуналната инфраструктура и нејзино прилагодување за потербите на лицата со попречености.
Во изминатиот период, Општина Велес се вклучи и континуирано дава поддршка на Здружението на слепи лица од Велес за печатење на книги на брајово писмо, обезбедување на одржливост на возилото што го користи ЗГ „Мобилност”, обезбедување на асистенти за потребите на децата со аутизам, промовирање на четири аудио книги за потребите на лицата со оштетен вид, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика во текот на минатата година набави специјална опрема за опремување и го пушти во употртеба детско игралиште за децата со попречености.
Оваа година, Општина Велес го реализираше проектот „Велес без бариери” кој беше поддржан од страна на швајцарската агенција за развој и соработка (УНДП), со цел да го олесни животот на лицата со ограничена мобилност, а резултатите од истиот наскоро и официјално ќе бидат промовирани.
Општина Велес и во следната, 2020 година ќе продолжи да ги поддржува сите активности, проекти и програми на локално и регионално ниво кои обезбедуваат подобрување на животот и условите за учење и работа на лицата со попреченост.