Со поддршка на УНДП Општина Велес ќе изработи студија за јавен градски превоз како еден од приоритетите на Планот за одржлива урбана мобилност. Проектната апликација на Општина Велес во Фондот за техничка документација е одобрена. Фондот за техничка документација за поддршка на општините е воспоставен во рамките на Проектот „Градење на општиниски капацитети за имплементација на проекти“ на Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, во партнерство со Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА) и Министерството за локална самоуправа.
„Вкупната вредност на проектот е 30.000 долари. Од вкупно 58 општини што аплицираа на повикот, Велес според бројот на бодови е помеѓу првите три општини. До крајот на неделава ќе оствариме средба со УНДП на која ќе се дефинира финалниот буџет на проектот и процентот на учество на Општина Велес“, рече Коцевски на денешната прес конференција.
Студијата за јавен градски превоз ќе го оптомизира јавниот превоз врз основа на потребите на корисниците на јавниот превоз, ќе се воведат нови линии на подрачјето на општината, ќе се изработат решенија за унифицирни автобуски стојалишта и ќе се утврдат возни редови кои одговараат на потребите на велешани.
„Овој проект е значајна финансиска поддршка за Општина Велес, особено во овие тешки услови на пандемија. Во името на сите жители на Велес им благодарам на УНДП, СИДА и Министерството за локална самоуправа за поддршката на проектот“, истакна Коцевски.