Денес во Локалната библиотека „Гоце Делчев” беше отворена изложбата на фотографии „Патот на Сефардите“.

Дваесет фотографии се дел од изложбата, која е организирана по повод 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија.

Пред присутните љубители на фотографијата како уметнички израз, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, претставниците на јавните институции, учениците од основните и средни училишта од Велес и други, осврт кон фотографските дела и поздравен говор имаше Жаклина Мучева,  Раководителка на секторот за истражување, документирање и архивирање при Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Оваа фотоизложба има патувачки карактер и освен во Велес ќе биде претставена и во неколку други македонски градови, каде посетителите можат да видат фотографија на секој град на Мрежата на еврејски населби, како и фотографија посветена на традиционалната сефардска гастрономија.

Здружението на еврејски населби на Шпанија „Caminos de Sefard“ е непрофитна јавна асоцијација, чија цел е заштита на урбаното, архитектонското, историското, уметничкото и културното наследство на сефардските Евреи. Формирано е во 1995 година и се состои од 18 градови, вклучувајќи ги Барселона, Кордоба, Овиедо, Сеговија и Толедо.