Планинарскиот марш „Марш за Рацин” ќе се одржи и оваа година на релација Велес – Лопушник – Велес, кој како иницијатива од еколошката групација „Грин Пауер”, од Велес произлезе минатата година.

На оваа група ентузијасти – планинари се приклучија и членови на невладини организации, како и почитувачи на делото и ликот на великанот Коста Солев Рацин  кои за разлика од минатата година, а поради состојбата со Ковид-19, овој пат, 77-годишнината од загинувањето на револуционерот и поет Коста Солев Рацин ќе го одбележат со организирање на скратена варијанта од планинарскиот марш.

Од Велес ќе тргнат 10тина учесници, а релацијата останува иста. Учесниците ќе појдат во раните утрински часови на 13 јуни 2020 година (сабота).

„Општина Велес финансиски го поддржува овој настан, а за превоз на учесниците го обезбедува општинскиот автобус со којшто ќе бидат превезени учесниците до с. Извор, Кичево и назад до Велес”, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски.

Протоколите и насоките за заштита на учесниците ќе бидат во целост почитувани и применети, бидејќи дозволено е до 50% од капацитетот на автобусот да биде искористен, а учесниците ќе седат на доволно оддалечено растојание едн од друг и ќе носат на себе заштитни маски. Додека пак, протоколот за движење во планина, според насоките од Федерацијата на планински спортови во Македонија, дозволува движење на 4+1 учесник во група во планина.

Со покана, како учесници на минатогодишниот „Марш за Рацин”, оваа година со групата од Велес ќе тргнат и тројца учесници од Битола и еден од Куманово.

На учесниците на Маршот самоиницијативно ќе се приклучат и учесници од Битола, Прилеп, додека пак индивидуално се најавени и со сопствен превоз ќе се приклучат учесници од Скопје, како и членови од Планинарско – спортскиот клуб „Бистра” од Кичево.