Подземните контејнери што Општина Велес ги постави низ градот од денеска се ставени во употреба. Седум контејнери се поставени на различни локации и тоа на улица „Илинденска“ до трговскиот центар ВЕ МОЛ, на улица „Методија Андонов Ченто“ пред пешачкото мовче на Битолска пруга, на улица „8ми Септември“ помеѓу Централен регистар и Основен суд Велес и спроти театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Граѓаните ќе можат да го употребуваат контејнерот на тој начин што ќе ја притиснат ножната педала која ќе го крене поклопецот на контејнерот и без да имаат контакт со делови од него, ќе го складираат комуналниот отпад во подземна вреќа за собирање на отпадот, изработена од водонепропусен полиестер со волумен од 3м3..
Контејнерите од страна на ЈКП „Дервен“ ќе се празнат во утринските часови секој ден. Комуналното претпријатие набави нова хидраулична дигалка заради специфичниот начин на празнење на контејнерот со негово подигнување на потребната висина и празнење на вреќата.
Општина Велес апелира до граѓаните да не паркираат возила пред локациите каде се поставени контејнерите. Контејнерите се исклучиво наменети за комунален отпад и во нив не треба да завршува картонската и ПЕТ амбалажа, градежен шут, жар и пепел од домашни ложишта. За отпадот кој може да се селектира, општината на јавните површини има поставено соодветни садови за овој вид отпад.
Стандардните метални контејнери кои беа поставени на тие локации веќе се отстранети.
Општина Велес планира да продолжи со поставување на ваков вид садови за отпад кој ќе придонесат за почиста животна средина и подобро управување со отпадот.