„Известен сум од Министрество за транспорт и врски дека на јавниот повик за најповолен изведувач за изградба на водоводниот систем за селата Бузалково и Раштани кои треба да бидат приклучени кон градската водоводна мрежа се јавиле осум компании. Во тек е еваулацијата на понудите и се надевам дека ќе биде извршен избор на најповолен изведувач и дека ќе може да почнат со градежните работи. Средствата се обезбедени од Европската инвестициона банка” изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
Општина Велес издвои 800.000 денари од општинскиот буџет за бетонирање на улицата кај „Долна чешма” во с. Бузалково, во должина од 230 метри и ширина од 3,5 метри.
Проектот за бетонирање на дел од улица „Нада Бутникошарева“ во близина на Градскиот пазар е исто така завршен.
Во моментов Општина Велес реализира неколку значајни проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата во градот и околината. Проектот за изградба на фекална канализација во објектот „Вел Сити” е во тек, како и проектот за реконструкција на санитариите во спортската сала. Се спроведуваат градежните работи за изградба на потпорниот ѕид на улица „Рилски конгрес“. ЈКП „Дервен“ интензивно работи на реконструкција на градските фонтани. Се реконструира водоводната и канализациона мрежа на улица „Трајче Петкановски” во населба Превалец, а се бетонираат и повеќе кракови на оваа улица, рече Коцевски.
Во тек е реализацијата на најкомплексната активност во рамките на проектот „Паметно езеро Младост“, финансиран од Евроската Унија, а управуван преку Програмата за локална и регионална конкурентност на Светска Банка.
Како што информираше градоначалникот Коцевски, станува збор за Еко кампот, кој според основниот проект има 20 содржини, меѓу кои: седум куќички за сместување во форма на барик (како симбол на винскиот пат во Вардарскиот плански регион), еко училница, патеки за прошетка, паркур патека, четири летниковци, две конструкциии за авантури за деца (една во форма на брод и една во форма на замок), дрвени платформи и дрвена кострукција за тунели за провлекување од една до друга платформа, коса трамбулина, трибина, воздушна патека, лавиринт, реквизити за детски паркови и санитарии.
Изведувачи на градежните работи се градежните фирми „Делта пром“ и „Изгрев Инжинеринг“ и истите треба да завршат до 31 август годинава.
„Во рамки на тој проект завршивме со асфалтирање на патот кој води кон винаријата ‘Шато Сопот’ и започнавме со асфалтирање на патот до село Сопот. Откако заврши асфалтирањето на пешачката патека и паркинг просторот, во моментов се поставуваат канделабри на пешачката патека”, дополни Коцевски.
Градоначалникот Коцевски изрази надеж дека на денешната седница на Советот на Општина Велес со измени и дополнувања на Програмата за уредување на градежно земјиште ќе бидат обезбедени 700.000 денари како учество на општината со цел да може да се распише тендерот за реконструкција на водоводната магистрална линија покрај Железен мост со што ќе се подобри водоснабдувањето во Речани, Весела Долина, на езеро Младост, с. Отовица, а особено кон селата Друтовец, Чалошово и Трпезица.