Со положување свежо цвеќе во црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон”, делегација од Општина Велес денес му оддаде почит на големиот градител на сакрални објекти на Балканот од XIX век, велешанецот Андреја Дамјанов, со што се одбележа 207-годишнинатa од раѓањето и 142 години од неговата смрт. Андреја Дамјанов е роден во 1813 година во с. Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и во други балкански земји. Дамјанов претставува симбол на македонското неимарство. Тој лично присуствувал при изградбата на секоја црква. Неговите сакрални објекти се карактеризираат како врвни архитектонски дела со декоративни елементи на столбовите кои се белег на неговите градби и со добра акустика. Токму таква е изградбата на црквата посветена на Свети Пантелејмон, светецот-заштитник на Велес, а архитектите ја препознаваат по изразот „македонска миланска скала”.