Општина Велес ја одбележа 70 годишнината од смртта на Панко Брашнаров. Во знак на почит и благодарност, делегации составени од Градоначалникот Коцевски и членови на Советот на Општина Велес, од локални установи и институции како и од неговото семејство, положија букети свежо цвеќе пред мермерниот паметник.
За сведокот на двата Илиндена, за човекот со живот предодреден и посветен на ослободувањето на Македонија, за народниот учител Панко Брашнаров, пред присутните беседеше Марин Клифов, виш кустос, историчар и в.д. директор на Локалната установа Народен музеј Велес.
„Несомнено, великаните се раѓаат низ беспоштедна борба, гордо бранејќи ги своите принципи и следејќи го праведниот и благороден пулс на сопствениот народ. Секој оној кој за прв пат почнува да ги прелистува страниците на животната патека на Панко Брашнаров треба во неа да ги препознае пораките, заложбите и тестаментот на историјата на македонскиот народ на сведокот на двата илиндени и на континуираната борба за слобода. Слобода која не учи на вистинската вредност на човечкиот живот туку и на сопствениот идентите на еден народ. Неговата животна патека е историја која судејќи по зборовите на мудрите луѓе ако не ја знаеме тогаш постојано ќе ја повторуваме“, истакна Клифов.
Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.
Одбележувањето на седумдесет годишнината од трагичната смрт на народниот учител Панко Брашнаров заврши со музички колаж во изведба на дуото Малинови.