На денешната средба за отворање на Младински центар во Велес, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја извести јавноста дека велешани наскоро ќе добијат кино.
„По многу децении, конечно велешани ќе добијат кино со најсофистицирана техничка опрема за прикажување на дигитално кино”, рече Коцевски.
Киното е составен дел од мултимедијалниот центар, кој ќе функционира во салата „Бели Мугри”, односно во зградата на локалната библиотека „Гоце Делчев”, заедно со Младинскиот центар.
Како што најави Коцевски, до крајот на неделава ќе биде распишана тендерската постапка за набавка на т.н. пакет за дигитално кино (DCP), кој вклучува проектор, перфориран екран за кино прикажување и соодветен систем за озвучување.
Тендерската документација ја вклучува и можноста за прикажување и следење на 3D филмови.
Покрај техничката опрема, во рамки на проектот, сцената во салата ќе биде соодветно прилагодена за потребите на кино прикажувањето и други мултимедијални настани.
Ова е приоритетен проект од областа на културата во 2020 година и еден од најзначајните во изминатите децении, кој Велес ќе го вброи во водечките културни центри во државата. Според најавите, проектот ќе биде завршен во најкраток можен рок, со цел велешани што побрзо да имаат можност да ги следат домашните и странски филмски остварувања во соодветни услови, со најсовремена технологија.