Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, на денешната прес конференција информираше за досега спроведените мерки и активности кои Општина Велес ги презема за превенција и заштита на населението од коронавирусот, како и за заклучоците од денешната, десетта по ред седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
„Заклучно со вчерашниот ден во Општина Велес има 69 инфицирани лица, три починати и 14 оздравени”, информираше Коцевски.
Во инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница – Велес, во моментов има 16 пациенти кои се хоспитализирани, 14 позитивно потврдени на коронавирусот, двајца негативно, додека еден пациент е со потешка клиничка слика и истиот ќе биде пренесен во Инфективната клиника во Скопје.
Податоците за општините Велес, Чашка и Градско добиени од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека 38 лица се наоѓаат во самоизолација, 48 во домашна самоизолација со решенија на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и 14 жители на овие три општини се наоѓаат во државните карантини во другите градови.
„Еден од четирите пунктови за контрола на возилата при влегувањето во градот е укинат, додека другите три остануваат во функција”, соопшти Коцевски.
Од вработените во Министерството за внатрешни работи еден е заразен и е во домашен карантин, а двајца кои имале близок контакт со вработениот во полицијата и не се позитивни се во домашна самоизолација.
Градоначалникот Коцевски информираше и за состојбата на четирите вработени лица во Здравствениот дом од Велес кои се негативни на Ковид-19, а овие денови се очекуваат да пристигнат резултатите од вториот тест на докторката.
ЈЗУ Општа болница – Велес располага со соодветни капацитети, кои ги задоволуваат сегашните потреби за хоспитализирање на потенцијалните пациенти. Но за поддршка и непречено работење на институцијата од другите одделенија се распределени други здравствени работници и помошен персонал.
Градоначалникот Коцевски информираше и за анализата на податоци од последниот попис на населението и го искажа својот став дека Велес е неправедно исклучен од општините кои се најзагрозени и кои имаат привилегија да добијат повеќе помош од државата во вид на медицинска заштитна опрема. „Ако се направат анализи на податоците според бројот на населението и бројот на заболените, Велес е на четврто место после Куманово кој има 3.64 заболени на 1000 жители, по кој следуваат Дебар и Прилеп”.