Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денес беше во посета на Општина Велес која е првата општина во која Пендаровски го започнува проектот „Лице во лице со претседателот“.

Според утврдената агенда, претседателот Пендаровски го посети опожареното подрачје на езерото „Младост”, каде заедно со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, претставници од Советот на Општина Велес, на јавните институции засадија нови садници.

По посетата, Претседателот Пендаровски го посети едно од најстарите училиште во државата „Св. Кирил и Методиј” каде заедно со четвртоодделенците присуствуваше на час по општествени науки. Во рамките на посетата во училиштето се запозна и со младиот генијалец од Велес, Христијан Арсов кој учи во ова училиште. Во домот на познатото велешко семејството Богдановски Пендаровски се запозна со рачната изработка на виолини, на кои свират познати виолинисти во светски рамки. Во територијалната противпожарна единица, Претседателот се запозна со вработените и со предизвиците со кои тие се соочуваат, а посебно внимание посвети на неодамнешниот пожар кој го зафати подрачјето околу езерото „Младост”.

„Идејата на овие посети е да ги прашаме нашите граѓани на лице место, во нивните домови, кои се нивните предизвици. Знам дека претседателот нема директна надлежност за голем број од нивните проблеми но можам да зборувам гласно, да ги предупредувам надлежните институции, да апелирам работите да се движат побрзо бидејќи главна цел на нас политичарите е да го направиме животот полесен за граѓаните“, истакна шефот на државата во изјавата пред медиумите.

Во текот на денот претседателот Пендаровски ќе ја посети компанијата „Мирана“, а ќе оствари работна средба и со невладините организации во Домот на НВО. Посетата ќе заврши со брифингот со претставниците на медиумите во просториите на локалната библиотека „Гоце Делчев”.