Вистински приказни инспирирани од најубавиот период од животот на секој човек-детството, се вткаени во книгата раскази на поетесата Наташа Брезовска Богоевска. „Детства“ е насловот на првенчето на Богоевска, составена од 16 раскази, секој напишан со едноставен стил носи порака за другарството, емпатијата, одговорноста, пожртвуваноста и за сите оние вредности кои треба да го красат човекот.

Книгата раскази на Богоевска беше промовирана денеска пред Ликовниот салон, во рамки на 53 Детски Рацинови средби. Промотор на книгата беше поетот Филип Димкоски.

„Расказите од книгата носат по една порака не само за децата туку и за возрасните. Носат порака за сите оние вредности кои треба да бидат вметнати во воспитно-образовниот процес. Затоа е добро да ја прочитаат не само децата туку и родителите и наставниците“, рече Димкоски.

Наташа Брезовска Богоевска е долгогодишен наставник по македонски јазик. Секојдневните контакти со децата, нивната смеа, тага, радост ја инспирирале да ја напише книгата.

„Следејќи ги децата постојано, сфатив дека повеќе го вреднуваат материјалното од духовното. Токму тоа ме поттикна да ја напишам книгата раскази со која сакам да им укажам на вистинските вредности, другарството, чесноста, одговорноста. Тие  се вистинските безвременски вредности кои треба да се негуваат“, рече Брезовска Богоевска.

Промоцијата на книгата беше придружена со музичка точка и читање на извадоци од книгата. Настанот е во организација на Општина Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.