По повод 15 Октомври, Меѓународниот Ден на Белиот стап, денес во Локалната библиотека „Гоце Делчев” беа промовирани четири нови изданија на книги на Браево писмо за слепите и слабовидните лица кои живеат во Велес.
Изданијата,,Волшебното самарче”, „Коста е наш”,„Алиса во земјата на чудата” и ,,Вујко Вања” беа промовирани од страна на Здружението на слепи лица од Велес во соработка со Локалната библиотека „ Гоце Делчев“.
„Особена благодарност упатувам до Општина Велес која од сопствени средства финансираше половина од вредноста на овој проект. Апелирам до сите организации да ги помагаат активностите од овој тип, заедно можеме повеќе“, истакна Тони Пајдаков, секретар во Здружението за слепи лица.
Во јуни годинава беше промовирана и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Браево писмо и во аудио формат со што слепите лица можат да се запознаат со своите права, особено во однос на барањето, добивањето и доставувањето на информации на еднаква основа со другите.
Здружението за слепи од Општина Велес во својата библиотека располага со 38 наслови на изданија на Браево писмо кое ги користат овие лица. Во ова здружение членуваат околу 230 лица кои се вбројуваат во категоријата на слепи лица.