Детална анализа на состојбите на лице место, итна подготовка на акционен план за расчистување на теренот и подготовка на масовни граѓански акции за пошумување на езерото „Младост“ се  само дел од прашањата што денеска ги разгледаа членовите на Координативното тело за превземање на активности за ревитализација на опожарениот дел од локалитетот езеро „Младост“.

На денешната прва седница на координативното тело со која преседаваше градоначалникот Аце Коцевски, претставникот на ШС „Бабуна“ нагласи дека за пожарот е изготвена детална документација и е извршено дигитално снимање на опожареното подрачје. Пожарот зафатил површина од 409 ха, од кои 200 ха се  шума. Од зафатените 200 ха шума, 100 се борова и друга зимзелена шума со старост од 30-50 години. 
Врз основа на констатираните состојби, на седницата се донесоа следните заклучоци:

      Општина Велес да ги утврди границите за пошумување на 50 ха опожарена површина надвор од Деталниот урбанистички план за Езеро Младост и да го обележи теренот.

ЈП „Национални шуми – Подружница ШС „Бабуна“ да изготви акциски план за   чистење на локалитетот од опожарениот материјал и да ја подготви почвата за акцијата за пошумување.

Воедно, на седницата се заклучи дека треба да се консултираат  експерти од областа на шумарството за видот на садници кои треба да се засадат на опожареното подрачје.

Активностите ќе финализираат со реализација на  масовни граѓански акција за пошумување во ноември и декември годинава.

Заклучоците треба да се реализираат во накраток временски рок, со цел навремено да се завршат подготовките за пошумување и ревитализација на теренот.