Пред два дена Општина Велес објави јавен повик за склучување на договор за јавно-приватно партнерство за реконструкција, ревитализација и управување со Офицерскиот дом. Како што соопшти градоначалникот Аце Коцевски, денеска првата заинтересирана компанија се јавила во општината.
„Верувам дека Офицерски ќе отиде во вистински раце и дека ова некогаш култно место за граѓаните на Велес каде што се случуваа многу убави работи ќе го врати стариот имиџ“, рече Коцевски. Избраната компанија ќе има право да стопанисува со објектот во наредните 20 години. Во првите 5 години ќе бидат ослободени од плаќање на кирија како противвредност за инвестицијата во реконструкција на објектот.
Висината на надоместокот што компанијата ќе го плаќа во наредните 15 години ќе варира во зависност од висината на просечната плата во државата. Коцевски изрази надеж дека компаниите кои покажале голем интерес во фазата на подготовка ќе се јават на повикот. Се очекува објектот да обезбеди стотина нови работни места.