Општинскиот штаб за заштита и спасување констатираше дека епидемиолошката состојба во Велес е сериозна и крајно критична иако постепено состојбата се смирува доколку се прават споредби со состојбите од пред десетина дена, соопшти денеска на прес –конференција градоначалникот Аце Коцевски.
Штабот им препорача на претпријатијата, таму каде што има кластери да се прават паузи за да се проветруваат просториите, особено на места со поголем број вработени. Од денешната седница произлезе и препорака за заштита на таксистите во возилата кои без да се пријават ги користат и лица инфицирани или сомнителни на вирусот.
Како што рече Коцевски, доста се доцни со анкетите во Центарот за јавно здравје поради што има големи разлики во податоците што доаѓаат од Центарот и од МВР за точната бројка на позитивни и лица во изолација. Во Велешката болница вкупно се хоспитализирани 76 пациенти, од кои во најголем број на инфективното одделение 63. Од нив 56 се позитивни, 3-ца се негативни и 4-ца непотврдени. 32 пациенти се на кислородна поддршка. Во Велес има 4-ца нови починати пациенти. Сите четворица биле позитивни на вирусот и сите се од подрачјето на Општина Велес.
Во велешката болница 30 вработени се позитивни а 12 се во изолација. Во Општина Велес позитивни се 5 вработени, а 7 се во изолација. Во ТППЕ тројца се во изолација, а во ЈКП „Дервен“ 13 вработени кои се позитивни и 9 во изолација.
Како што рече Коцевски, во болницата доаѓаат се повеќе пациенти во потешка состојба. Истите не ги примаат во Скопје и мора да бидат третирани во нашата болница.
МВР врши контрола на 384 позитивни лица и на 108 лица во изолација. Издадени се 292 прекршочни налози за неносење маска, најчесто кај возачи и патници во возила.
Во овој момент, најголем проблем за болницата е обезбедувањето на кислорот, но засега менаџментот успешно се справува. Штабот за заштита и спасување ќе обезбеди техничка помош за ракувањето со кислородните боци.
Мора да останеме максиално одговорни, порача градоначалникот Коцевски на прес- конференцијата.