Во Големата сала на Општина Велес се одржа јавна дебата на која архитект од проектантската куќа ,,Друштво за геодетски работи, трговија и услуги ГЕО БАЛКАН“ увоз-извоз ДООЕЛ Битола го презентираше основниот проект за изградба на покриен Градски пазар во Велес. Освен присутните во салата, презентацијата ја следеа онлајн, новинари, архитекти и други заинтересирани граѓанки и граѓани. Градоначалникот Коцевски на почетокот ја објасни финансиската конструкција на проектот.
,,Покрај средствата што ги обезбедивме од Владата во висина од 40 милиони денари, преку програмата за подобрување на Општинските услуги со заем од Светска Банка обезбедивме и дополнителни 46 милиони денари. Задолжувањето е со многу поволни услови, со рок на отплата од 13 години од кои 3 години грејс период и со каматна стапка од 0% односно минимална од 0,7 до 1 % на годишно ниво. Ќе добиеме и 27% грант од Светска банка како награда ако успееме квалитетно да го реализираме проектот“, рече Коцевски.
Присутните во салата и оние кои ја следеа онлајн презентацијата поставуваа прашања и даваа конструктивни забелешки и идеи во врска со проектот за изградба на долгоочекуваниот покриен Градски пазар.
Според основниот проект, градежната парцела опфаќа вкупна површина од 4171.93м2 од кои 2218.72 м2 површина наменета за продажба на производи. Новиот пазар опфаќа 19 дуќани, дел под отворена настрешница, паркинг простор, санитарии и магацински простор. Во првата фаза ќе се гради горниот дел од пазарот за да се овозможи негово непречено функционирање во текот на изградбата. Дуќаните ќе се продаваат а собраните средства од нивната продажба ќе бидат наменети за други капотални онвестиции и проекти во Велес како на пример изградба на катна гаража или реконструкција на централно градско подрачје.
Градоначалникот Коцевски соопшти дека новиот Градски пазар е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него егзистираат земјоделци и трговци од целиот регион.
„Сметам дека проектот ќе го врати животот на левиот брег на Велес, дека ќе донесе нова урбана естетика, нова свежина и што е најважно од сé ќе го зајакне економскиот развој во градот и во регионот“, рече Коцевски.
Општина Велес веќе ја започна тендерската постапка за избор на фирма – изведувач. Градежните работи се очекува да започнат наредниот месец.
.