Градоначалникот Аце Коцевски денеска јавно одговори на обвинувањата од Горан Лазов, директор на фабриката „Благој Ѓорев“ кој по излевањето на мазут го обвинува ЈКП „Дервен“ за нестручно миење на улицата.
Тој пред медиумите изјави дека со задоволство ја прифаќа поканата на Лазов за ТВ дуел и дека очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава за еколошкиот прекршок од трета категорија, како највисок прекршок што може да биде направен од некој загадувач.„За тоа следува голема казна, но да не преувеличуваме нека си ја вршат надлежните државни органи нивната работа“, рече Коцевски.
Тој ја извести јавноста дека во текот на вчерашниот ден почитувајќи го принципот за презумпција на невиност се обратил до јавното обвинителство, не со кривична пријава туку со информација во која хронолошки се наведени сите сознанија проследени со соодветни докази за загадувањето.
Коцевски информираше дека обвинувањата за неажурност на општината во постапката за издавање на одобрение за градење се неточни. „На барањето на прехрамбената индустрија АД „Благој Ѓорев“, архитектонско-урбанистичкиот проект е одобрен на 25.10.2019 година, а идејниот проект е одобрен на 11.12.2019 година.
Досега АД „Благој Ѓорев“ нема доставено основен проект за да добијат одобрение за доградба и надградба на објект за да може да ја инсталираат опремата (разладна кула) во рафинеријата за масла Тие самите се виновни за погрешниот редослед на нивните постапки, најпрво треба да добијат одобрение, а потоа да набавуваат скапа опрема“, нагласи Коцевски.