Почитувани,

Поради реакциите од страна на жителите на Општина Велес во врска со користеното средство за авионско третирање против комарци што Општина Велес редовно го спроведува неколку пати во тековната година, Општина Велес ја известува јавноста дека:

Авионската апликација со средство за аеросолна адултицидна дезинсекција за заштита од возрасни комарци на територијата на Општина Велес е извршена со средство CICERON 2.0 ULV, производ од BioGenesis, Belgrad Srbija и содржи 2.0% активна материја deltamitrin, кој спаѓа во групата на пиретроиди. Истото е одобрено од Министерство за здравство на Република Северна Македонија, број од решение 19-110/2 од 07.03.2017 година и измена на решение број 19-199/1 од 17.02.2020 година.

CICERON 2.0 ULV е биоцид наменет за сузбивање на адултните форми на комарци во населени места и јавни површини, крајбрежје на реки, езера и бари. Може да се применува од воздух или од земја во количина од 50 мл/ха.

Активната материја Deltametrin е дел од групата на синтетските пиретроиди кои се постабилни од природниот пиретроин и имаат подобрено дејство, како што е истерување на инсектите од скривалиштата и побрзо уништување и има ниска доза и ниска токсичност за цицачите и човекот. До денеска не е забележано мутагено, канцерогено, ни тератогено дејство на пиретринот и пиретроидите.

Ларвицидното третирање го извршуваше ЈЗУ Центар за Јавно здравје – Велес. Со третирањето се опфати површина од седум хектари. Акцијата беше спроведена од земја, со препаратот „Биопрен“ кој е безбеден за граѓаните и се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Во прилог на ова Соопштение за јавност, можете да ги најдете деталите за описот  и карактеристиките на средството што се употребува, како и информацијата од Центарот за јавно здравје – Велес.

Општина Велес е отворена општина, која на транспарентен начин комуницира со засегнатите страни и редовно преку прес конференции и објави на официјалните интернет страница и Facebook профил ја информира јавноста за сите случувања на територијата на целата општина. За ваквата востановена практика изминатата и оваа година доби две значајни признанија за најтранспарентна општина во државата, додека пак со мерењето на Индексот на транспарентност, Општина Велес со 94,4% е најдобро рангирана општина на територијата на целата држава.

Општина Велес упатува апел до сите жители на општината да ги користат можностите за директна комуникација и да споделуваат информации до надлежните, со цел заеднички да ги надминеме предизвиците кои секојдневно се јавуваат.

Официјална интернет страница на Општина Велес: www.veles.gov.mk

Контакт: https://veles.gov.mk/kontakt/

Online алатка „Прашај го градоначалникот”: https://veles.gov.mk/prasaj-go-gradonalnikot/

Официјален Facebook профил: https://www.facebook.com/opshtinaveles/