Здружението за хумано домување „Хабитат“ Македонија денеска и предаде на Општина Велес две возила за собирање на цврст комунален отпад, чиј краен корисник ќе биде ЈКП Дервен. Возилата се набавени од проектот „Одржлив урбан развој на ромските заедници“ што „Хабитат“ Македонија го реализира во соработка со Општините Велес и Шуто Оризари. Тие ќе бидат наменети за собирање на отпадот од местата каде што живее ромско население. Примопредавањето на возилата беше извршено на Филтер станицата на јавното претпријатие од страна на директорот на „Хабитат“ Македонија, Зоран Костов.
„Најголемо задоволство ни е што соработуваме со Општина Велес. Ние заедно работиме на повеќе програми и проекти и нашата соработка трае повеќе од една деценија. На корисниците на возилата им посакувам да ја остварат својата цел, а ние да продолжиме и во иднина успешно да соработуваме, рече Костов.
Целта на проектот е да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој базиран на почитување и реализација на принципите на ЕУ кои водат до подобар квалитет на живеење во ромските заедници.
„Сакам да упатам голема благодарност до Здружението за хумано домување „Хабитат“ Македонија за досегашната соработка. Се надевам дека овие возила ќе траат и ќе го подобрат квалитетот на живот на ромите во Велес“, рече Аце Коцевски, Градоначалник на Општина Велес.
Општина Велес ќе и ги предаде на ЈКП Дервен возилата откако ќе се донесе одлука на Совет на Општината.
„Изразувам голема благодарност за овие возила кои навистина ни се неопходни, особено за стрмните и непристапни улици во населбата каде што живеат ромите. Се надевам дека ќе го подобриме квалитетот на живот“, рече Антон Јовиќ, директор на ЈКП Дервен.
Возилата за собирање на цврст комунален отпад чинат околу 22 000 евра. Инаку, проектот е во вкупна вредност 554.053 евра и е финансиран од Европската Унија. Ќе следат и други активности како дел од проектот како што се едукација на ромско население, набавка на пластични канти, реконструкција на домови на семејства од маргинализирани категории и други.