На денешната прес конференција градоначалникот Коцевски ја истакна важноста од спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите. Оваа сложена статистичка операција ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година.
„Пописот е најважна статистичка операција што по правило се спроведува еднаш во 10 години. За жал во нашата земја, успешен Попис не е спроведен цели 20 години, заради пропаднатиот Попис од 2011 година за што напразно беа потрошени милиони евра народни пари, без за тоа никој да одговара“, рече Коцевски.
Податоците од Пописот ќе се користат за креирање развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и за статистички цели. Со Пописот ќе бидат опфатени лица, домаќинства на лицата и станови и други населени простории.
Со законот за Попис се определени вкупно 50 пописни реони и нивни седишта заради организациски потреби.
Велес е седиште на 18. пописен реон во кој се опфатени општините Велес, Градско и Чашка.
Во пописната комисија за реонот во кој спаѓаат овие Општини треба да се формира Комисија за пописен реон во кој ќе има 8 членови од редовите на општинската администрација. Тие треба да бидат службеници со високо образование а претседател на Комисијата ќе биде Секретарот на општината. Градоначалникот Коцевски ќе предложи 4 кандидати за членови на пописната комисија од Општина Велес, додека од општините Градско и Чашка ќе бидат назначени уште по 2 претставници.
Комисијата за пописниот реон ќе учествува во информирањето на населението за значењето на Пописот и правата и должностите на граѓаните во Пописот, ќе обезбедува просторни и други материјално-технички услови потребни за спроведување на Пописот, ќе презема мерки за навремено опфаќање на единиците на Пописот,ќе обезбедува просторни и други услови за спроведување на обуките на учесниците во Пописот. Заедно со државните инструктори подготвува предлог за избор на реонски инструктори и попишувачи, а ќе врши и распоредување на инструктори и попишувачи по пописни кругови.
Општините ќе имаат клучна улога во реализацијата на претстојниот попис, во април годинава. На средбата што градоначалниците ја остварија со државниот врв и директорот на Државниот завод за статистика, на 29 јануари годинава, беше укажано на значењето на оваа сложена статистичка операција.
Општините се обврзани да обезбедат просторни и технички услови за одвивање на Пописот и да помогнат во организацијата на админстративните ресурси за успешно спроведување на пописот. Тоа значи дека и голем дел од администрацијата активно ќе учествува во спроведувањето на пописот.
„Ова е голем предзвик за нас затоа што во услови на Ковид 19 и намалени капацитети на администрацијата треба да ги реорганизираме работите за да овозможиме паралелно непречено одвивање на работата на општината и спроведување на пописот. Би сакал уште пред почетокот на подготовките да ги повикам граѓаните активно да учествуваат во Пописот затоа што точните податоци нема да се однесуваат само на бројката на население, туку и на сите параметри неопходни за планирање и развој на економијата, земјоделството, образованието, детската и социјалната заштита,туризмот и воопшто развојот на општините државата во целина“, рече Коцевски.
Коцевски ги повика и политичките партии да не го политизираат и злоупотребуваат Пописот и да не ги одвраќаат граѓаните од учество во Пописот затоа што штетите што може да ги направат ќе бидат огромни. Тој верува дека со добра организација Пописот ќе биде успешен и конечно по 2 децении ќе се добијат валидни податоци од терен, неопходни за идниот развој на државата.
„Драги сограѓанки и сограѓани, со Вашето учество во Пописот ќе придонесете за подобра иднина на Вашите семејства на Вашите деца и внуци и ќе ја исполните Вашата граѓанска должност и обврска кон татковината. Јас лично имам огромна безрезервна доверба во г-дин Апостол Симовски, кого го знам скоро 40 години уште од младинската организација. Тој е врвен професионалец, екаперт за статистика, човек со голем интегритет, кој многу успешно и мудро ја води постапката, човек од кој треба да учат многу политичари“, додаде Коцевски.