На денешната прес конференција, градоначалникот Коцевски го најави стартот на шестиот по ред „Велешки пливачки маратон”.
Во недела, на 15 септември 2019 година, на езеро „Младост”, Општина Велес, во соработка со Здружението за спорт и рекреација „КЛУБ 28″ од Велес, Кајак клубот „Бабуна“ од Велес и Националната пливачка федерација, ќе го организира шестиот „Велешки пливачки маратон”, кој оваа година, за прв пат го добива предзнакот меѓународен.
Покрај македонските натпреварувачи, во официјалните трки учество ќе земат и натпреварувачи од Република Турција, Бугарија, Србија и Косово, а натпреварите ќе се одвиваат во три категории: трка на 2,5 км, трка на 5км и олимписка дисциплина на 10км во машка и женска конкуренција.
„Ми претставува особено задоволство што одлучивме оваа година пливачкиот маратон да биде посветен на д-р Милчо Трајков, поранешен претседател на Црвениот крст, голем поддржувач на овој спортски настан, но и на спортот воопшто”, истакна градоначалникот Коцевски.
На прес конференцијата присутни беа и членот на Управниот одбор на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски, македонската пливачка легенда, светскиот првак во маратонско пливање за 2016 година, Томи Стефановски и Илија Попов, претседател на Здружението за спорт и рекреација „КЛУБ 28″ кои ги презентираа деталите околу програмата и начинот на пријавување.
Сите предуслови за безбедно и професионално одвивање на меѓународниот „Велешки пливачки маратон” се исполнети, а подетални информации граѓаните може да добијат на интернет страницата на Општина Велес, како и на профилите на социјалните мрежи на здруженијата организатори на настанот.