Во Ликовниот салон во Велес, вечерва во рамки на програмата на Велешкото културно лето 2020 „ВелеСOOLтУра – Латитуда 41’ / Лонгитуда 21’” беше отворена изложбата „Сè што не ти кажав” на дела во мозаична техника изработени од Снежана Лазарова – Луна, самоук, слободен уметник, наивец, која десетина години создава уникатни дела – слики изработени со семе од бел ориз и библиско црно семе синапово.
Оваа јубилејна изложба по повод една декада творештво на Лазарова беше логистички поддржана од Општина Велес, а пред љубопитното око на публиката таа се претстави со триесетина свои уникатни дела.
За своите дела Лазарова – Луна инспирација наоѓа од секојдневниот живот, религијата, историјата, природата…
Овој, како и сите други настани кои се дел од Велешкото културно лето 2020 се одржуваат согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на Корона вирусот.
Програмата на Велешкото културно лето 2020 можете да ја погледнете на следниов линк.