Општина Велес во соработка со Здружението на љубители на велосипедизмот “Велес бајкинг” од Велес и ЗГ ” Еко Логик” од Скопје, денес во Младинскиот парк организираа едукативно – интерактивна работилница за младите од Велес, со цел совладување на вештините на управување со велосипед.
Работилницата насловена „Училиште за велосипеди на отворено” е дел од активностите кои во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) се организираат во текот на оваа седмица, а со тоа Општина Велес од 16 до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилност.
„Вело родео”, еко “Не лути се човече” во реална големина, вело меморија, еко квиз и др. Бесплатно сервисирање на велосипеди во форма на „Амбуланта за велосипеди“ беа дел од активностите на кои се вклучија повеќе од 150 ученици од основните и средни училишта од градот.
Проектот го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ).
Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили.
Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност се и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центрот во Скопје како и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.