АД „Благој Ѓорев“ нема доставено основен проект. Оваа информација денеска на прес -конференција со факти ја потврди Билјана Шуркова-Манаскова, раководител на одделението за животна средина во Општина Велес. Како што нагласи Шуркова,  таа стапила директно во контакт со компанијата која работи на основниот проект од каде е известена дека  проектот сеуште е во работна фаза и во моментов е доставен до Институтот за земјотресно инжинерство во Скопје. Со ова се докажа неоснованоста на обвинувањата на раководството на компанијата кое во јавноста пласира неточни информации околу основниот проект и тврди дека го доставила до Општина Велес.

Од АД „Благој Ѓорев“ направиле  уште еден прекршок така што излеаниот мазут измешан со сончогледово ќоспе го депонирале на општинската комунална депонија без да ги известат надлежните служби во ЈКП „Дервен“ дека се работи за опасен отпад кој не смее да се депонира на депонија за неопасен отпад.

Веднаш по дознавањето на информацијата, градоначалникот Аце Коцевски  издаде наредба ЈКП „Дервен“ да им го врати опасниот  отпад на АД „Благој Ѓорев“ кои се должни со него да постапат како што налага законот.

На денешната прес –конференција, Билјана Шуркова –Манаскова укажа дека за да ја добие Б-Интегрираната еколошка дозвола, АД „Благој Ѓорев“ треба уште многу да работи на процедурите за постапување при несреќи и хаварии, да ги ажурира постоечките документи и планови како што утврдува постоечката Дозвола за усогласување со оперативен план, да санира  дел од котлите во котларницата кои се вон употреба бидејќи не ги задоволуваат граничните вредности на емисии во воздух, да го исчисти и уреди дворот, соодветно да постапи со сите видови отпад што ги создава и да ги следи насоките од општината поврзани со испуштањето на  отпадните води  доставени од страна на општината уште во текот на минатата година.