Почитувани сограѓанки и сограѓани, припадници на турската заедница во Општина Велес,
Во име на Советот на Општина Велес и во свое лично име Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.
Да се зборува и образува на мајчин јазик е право на секоја индивидуа во едно слободно демократско општество. Нема ништо подрагоцено од негување и одржување на сопствениот идентитет, култура и традиција преку употреба на јазикот кој ја претставува душата на една нација.
Велес бил и ќе биде град на прифаќање на различностите како уникатни вредности. Град во кој соживотот и заедништвото се традиција што се негува од дамнина. Токму затоа е претпознатлив како мултикултурно општество во кое различните етнички заедници имаат еднаков третман.
Негувањето и унапредувањето на пријателските односи со неколку градови од Република Турција е доказ за постоењето на цврсти односи помеѓу заедниците во Општина Велес. Поради тоа посакувам и во иднина да продолжиме заеднички да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на секое поле од општествениот развој на нашиот град.
Со почит,
Аце Коцевски
Градоначалник на Општина Велес